IN MEMORIAM Проф. д-р Љупчо Арнаудовски (16.03.1931-21.12.2024)

            Проф. Арнаудовски ќе остане запаметен како доајен на научните дисциплини криминологија, пенологија и социјална патологија во Македонија. Проф. Арнаудвоски долги години беше уредник и член на издавачкиот совет на Македонската Ревијат за казнено право и криминологија и почесен претседател на Македонското пенолошко друштво и на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

         Проф. д-р Љупчо Климе Арнаудовски е роден во Охрид на 16.03.1931 година во градско занаетчиско семејство. Основното училиште и гимназија ги завршил во Охрид. Во периодот 1949-1952 година ја посетувал и ја завршил со успех (дипломирал) на Вишата школа на УДБ-а СФРЈ во Белград. Во септември 1952 година се вработил во Републичкиот секретаријат за внатрешни работи во Македонија каде останал на работа до 1962 година во звањето советник. Со формирањето на Уредот за криминолошки и криминалистички истражувања како научно-истражувачка единица на Републичкиот секретаријат за внатрешни работи на Македонија, преминал на работа во него. За време на работата вонредно студирал на Правниот факултет во Скопје на кој дипломирал во 1960 година. Во учебната 1963/64 година, се запишал на постдипломски студии на Правниот факултет во Загреб од областа на кривично-правните науки. По успешното полагање на испитите предвидени со наставниот план на студиите, подготвил и одбранил магистерски труд под наслов „Мерките за засилен надзор во југословенското кривично право“, а во октомври 1966 година е промовиран во звањето магистер на кривично-правни науки. Во 1975 година, на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов „Вонзаводските воспитни мерки во југословенското кривично право“ и се стекнал со научен степен доктор на науки од областа на кривично-правните науки. По основањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 1963 година, преминал на работа во Институтот. Во Институтот останал на работа до октомври 1979 година, каде се стекнал со звањето виш научен соработник, а потоа преминал на работа на Правниот факултет во Скопје. Во овој период бил избран за вонреден професор на Правниот факултет во Скопје по предметите Криминологија и Пенологија. На овој факултет се стекнал и со звањето редовен професор и останува на работа до своето пензионирање во септември 1993 година. Во јануари 1994 година од Собранието на Република Македонија е избран за член на Републичкиот судски совет, која функција ја врши до 2000 година. По своите политички убедувања, припаѓал на Народноослободителното движење во Македонија. Од март 1944 година бил член на СКОЈ, а од мај 1949 година и член на СКЈ. По ослободувањето на земјата бил активен во скоевската и младинската организација и учесник на повеќе младински работни акции. Во 1969 година бил член на Секретаријатот на Градскиот комитет на СКЈ на Скопје, а во периодот 1969-1973 година и секретар на градскиот комитет на СКЈ. Во периодот 1971-1973 година бил член на Републичкиот извршен совет и Републички секретар за внатрешни работи на Македонија. Од овие функции е отстранет во периодот на „либерализмот“ поради своите сфаќања и јавни настапи од тие позиции. На стручен план бил ангажиран во Здружението на правниците на Македонија и повеќегодишен член на неговото Претседателство, член на Претседателството на Здружението за кривично право и криминологија на Југославија и Македонија, како и на здруженијата на Македонија и Југославија за пенологија. Во текот на својата научна работа, бил член на издавачкиот одбор и потесната редакција на списанијата: „Ревија за кривично право и криминологија“ - Белград. списанието „Пенологија“ - Белград, списанието „Безбедност“ - Скопје и списанието „Социјална политика" - Скопје. Во периодот 1960-1986 година бил Главен и одговорен уредник на списанието „Правна мисла“, орган на Здружението на правниците на Македонија. Бил долги години претседател на издавачкиот одбор на Ревијата за криминалистика, криминологија и кривично право „Безбедност" - Скопје и издавачкиот совет на Ревијата за казнено право и криминологија на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија. Во периодот 1983/1984 година бил претседател на Советот на заедниците за научно-истражувачките дејности на Југославија. Во 1981 година добитник е на наградата „Гоце Делчев“.

           Изразуваме искрена благодарност за сé што проф. Арнаудовски стори за сите негови колеги и студенти и за сето она што многу генерации студенти го научија од него.

           Нека е вечен споменот и вечна слава!

 

 

 

Изработката на оваа веб-страница е поддржана од:

Copyright © All rights reserved | By UNET