За здружението
Здружението за кривично право и криминологија на Македонија е невладина, непартиска и непрофитна организација формирана со слободно здружување на теоретичари и практичари вработени на правните факултети во државата и странство, Факултет за безбедност, Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, во Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и други сродни научни и научно истражувачки институции, судовите, јавните обвинителства, Академијата за судии и јавни обвинители, Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Адвокатската комора, Народен правобранител, како и на лица, кои слободно и доброволно се здружиле за да работат на унапредување на теоријата и практиката од областа на казненото право и криминологијата.
Здружението за кривично право и криминологија постојано ги следи и активно учествува во реформите на правниот систем во Република Северна Македонија преку подготвување и одржување на семинари, работилници, тркалезни маси и советувања за актуелни прашања во казненото материјално и процесно право, полициското право и кривичната правда. Главна цел, изразена преку овие активности, е анализа на современите состојби и проблеми и на транспарентен начин промомовирање на решенија прифатливи за теоријата и практиката во областа на казненото право и криминологијата. Нашите истражувачки активности во областа на казненото право и сите модерни казнено правни проблеми се наш приоритет во програмата за работа. Ние веруваме во работата за унапредување на заштитата на фундаменталните човекови права, човековото достоинство и владеењето на правото во РСМ, како и потребата во преземање на активности насочени кон унапредување на критичкото правно размислување и развивање на дебата.
Ставовите на експертите и практичарите за актуелните казненоправни проблеми, како и резултатите од спроведените активности, редовно се објавуваат во гласникот на Здружението – Македонската ревија за казнено право и криминологија, која излегува два до четири пати годишно и која претставува единствен правен магазин од овој тип во Република Северна Македонија, а кој има за цел да ја развие и промовира критичната правна мисла во областа на казненото право и криминологијата.