Конференција „Онлајн судењата во време на пандемјата на КОВИД-19: легислативни и информатички пречки и предизвици“
Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, со поддршка на Американската амбасада во Република Северна Македонија и на Министерството за правда на РСМ и во соработка со CEELI Институтот од Прага и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, на 11 декември 2020 година одржа виртуелна конференција на тема „Онлајн судењата во време на пандемјата на КОВИД-19: легислативни и информатички пречки и предизвици“.
Поздравни обраќања имаа г-ѓа Џенифер Џ.Р. Литлџон, Вршител на должност Амбасадор на САД во РСМ, г-дин Бојан Маричиќ, Министер за правда на РСМ и г-дин Кристофер Леман, Извршен директор на Институт CEELI од Прага.
За предизвиците при одржување на онлајн судења, со многубројните учесници на конференцијата, своите искуства, размислувања и предлози ги споделија г-дин Кол Радович, Идниот резидентен правен советник во Амбасадата на САД, судии од Литванија, Хрватска, Босна и Херцеговина, претставници од Институт CEELI од Прага.
За искуствата со онлајн судењата во ОС Кавадарци говореше судијата, проф. д-р Лазар Нанев, Претседател на ОС Кавадарци и претседател на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Претседателот на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, проф. д-р Гордана Лажетиќ, којшто го модерираше настанот, се осврна на правната рамка за одржување на онлајн судењата.
Од конференцијата произлегоа следниве заклучоци:
1. Од особено значење е размената на искуства со претставници од правосудството од други држави за начинот како судството се справува со ефектите од пандемијата на COVID-19 во смисла на начин на организација, функционирање и комуникација.
2. Правната основа за одржувањето на судења на далечина во текот на пандемијата на COVID-19 во различни држави биле одлуки на највисоките судови во државите, судските совети, надлежните министерства за правда или владите.
3. Значајно е да се нагласи дека судењата од далечина треба да се одвиваат со почитување на начелата за ефикасност, транспарентност, јавност, пристап до правдата и правично постапување.
4. Процесот на дигитализација во правосудството што се наметна со појавата на пандемијата на COVID-19 станува неминовен и тој треба да се одвива во три насоки: законски решенија, техничко опремување и континуирана обука.
5. Постои потреба за ефективна интероперабилност преку размена на електронски документи и електронски докази, како и нагласување на електронската комуникација со сите државни органи и институции.
6. Неопходна е измена на процесните закони од казнената, парничната и управната сфера, но и донесување соодветни подзаконски акти и упатства за правилно користењето на платформите за двонасочна комуникација од страна на сите учесници во постапката.
7. Законските основи за одржување на судења на далечина треба да опфатат повеќе етапи, а имено подготовка пред самото судење, текот на судењето, но и чување на снимениот материјал по завршување на судењето.
8. За ефикасно и ажурно постапување на судовите се укажа на потребата од унапредувањето на е-доставата и задолжителното регистирање на сите државни органи институции и правни лица за потребите на е-достава.
9. Избор на платформа за далечинско судење.
10. Потребно е креирање на медиум за снимање и архивирање на аудио-визуелните записи од рочиштата.
11. Неопходно е развивање на платформа за издавање на уверенија и потврди од страна на судот во електронска форма со електронски потпис.
12. Обезбедување на високо квалитетен систем на интернет конекција во судовите, со соодветен проток.
13. Успешното започнување и спроведување на процесот на дигитализација, како и следењето на целиот процес, треба да биде во надлежност на комисијата што ќе ја сочинуваат претставници од судството, академскиот кадар и ИТ експерти.