Стручна расправа за Предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки во контекст на казненото законодавство
Расправата во однос на Предлог ЗИД на Законот за рестриктивните мерки се одржа на 9.02.2024 година во Скопје, според следнава агенда. Целта на стручната расправа беше анализа на најсоодветниот начин за ефектуирање на правните акти донесени од странски држави. По воведното обраќање на Акад. Владо Камбовски, следуваше елаборирање на ставот на проф. д-р Гордан Калајџиев. Активно учество на расправата земаа претставниците од ЗКПКМ, МВР, Управата за финансиско разузнавање, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и судии и адвокати. На расправата иако поканети, не присуствуваа претставници од Министерството за надворешни работи, како предлагач на измените, ниту од Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата на РСМ задолжен за политики на добро управувањe, како иницијатор на измените, ниту претставници од Министерството за правда, чијшто став остана неразјаснет со оглед на даденото негативно мислење во однос на измените и ставот на министерот со кој го поздрави повлекувањето на измените на Законот за рестриктивните мерки.
Се разви исклучително конструктивна и плодна дискусија во однос на многу аспекти поврзани со концептуалниот пристап содржан во предложените измени, импликации врз Уставот на РСМ и законите од кривичната материја, но и импликациите во однос на етаблираната јудикатура на Европскиот суд за човековите права.
Во текот на расправата се укажа на потребата од поголема проактивност на јавното обвинителство, коешто треба да презема соодветни дејствија по повод правните акти на странките држави со цел проверка на наводи за постоење сомнеж за сторено кривично дело. Како резултат од дискусијата беа формулирани заклучоци во коишто се сублимираа изнесените ставови, мислења и предлози.